Депешата [10ATHENS77] од 3 февруари 2010 е напишана во амбасадата во Атина, класифицирана е како тајна (secret), потпишана е од амбасадорот Daniel V. Speckhard а има наслов:
Амбасадорот до Друцас: покажете му на Вашингтон дека можете
Кратко резиме:
На средбата од 20 јануари помеѓу амбасадорот Speckhard и грчкиот министер за надворешни работи Димитри Друцас, американскиот амбасадор го предупредил Друцас дека мора да му покаже на Вашингтон дека е способен да се соочи со отворените регионални проблеми. Тој го советувал да се подготви да зборува за деталите околу Македонија; какво решение Грција може да понуди за Кипар, и за Турција. Друцас рекол дека се надева оти Вашингтон гледа дека Папандреу прави напори во грчко-турските односи, а како и во случајот со Турција, така и со Македонија, Папандреу се обидува да воспостави лични односи за да се решат споровите. Турција останува приоритет во надворешната политика, а грчката порака до Македонија пред ЕУ средбата во декември била дека „се подготвени, ако и другата страна е подготвена“, но не виделе вистински напор од Македонија за изнаоѓање решение. Друцас ги опишал средбите со македонскиот министер за надворешни, Милошоски, како пријателски и топли. Рекол дека ако треба да испрати само една порака до Скопје, тоа би било да се избегнуваат јавни изјави кои ќе ги нарушат билатералните односи.