Депешата [10SKOPJE64] од 11 февруари 2010 година (некласифицирана) ја напишал амбасадорот Рикер од скопската амбасада и во неа ги сумирал разговорите што ги имал со конгресменот Померој при неговата посета на Република Македонија под наслов:
Евро- атланските напори остануваат блокирани
Кратко резиме:
Амбасадорот Рикер на конгресменот Померој му рекол дека 1. американската долгорочна цел е Република Македонија да биде дел од ЕУ и НАТО, но интеграции се во застој поради проблемот со името; 2. Земјата има затегнати меѓуетнички односи; 3. Во земјата има проблеми со владеењето на правото, и со корупцијата; 4. Спори економски реформи.
Опсежна содржина на депешата:
Американската политика кон Македонија останува конзистентна во барањето земјата да се интегрира во ЕУ и НАТО, и да биде стабилна, мултиетничка демократија. Земјата има повремено изолирано албанско малцинство кое е 25% од населението, домашниот пазар е ограничен, па земјата може да има долгорочна стабилност и просперитет само ако влезе во НАТО и ЕУ. Програмата на УСАИД во Македонија требало да заврши во 2011, но се планира да продолжи најмалку до 2015.
Евро-атланските интеграции на земјата се запрени поради проблемот со името со Грција. Атина го блокирала заедничкото решение на НАТО во Букурешт (април 2008) да и понуди на Македонија членство во НАТО, а ја спречила и ЕУ да отвори преговори за пристапно членство во декември 2009. Проблемот со името останува и покрај американските и европските дипломатски напори на двете страни, активност на медијаторот, Метју Нимиц, и директните разговори помеѓу премиерите Папандреу и Груевски. Дополнително одмогнало што и македонската и грчката страна во проблемот со името го внеле суштински нерешливото прашање за македонскиот „идентитет“.
Македонија е со години лојален сојузник во интернационалните мировни мисии. Од 2002 година вкупно 1264 македонски трупи служеле во ИСАФ програмата во Авганистан, а 490 трупи во Ирак до крајот на 2008. Во 2010 македонскиот придонес за ИСАФ бил речиси дуплиран и според број на жители, Македонија е во првите пет од 42-те земји членки на ИСАФ. Дополнително, Македонија има мал контингент за поддршка на ЕУ мировните мисии во Босна и Херцеговина, КФОР и во мисијата на ОН во Либан.
Македонија назадува зад остатокот од поранешната Југославија во транзицијата кон пазарна економија. Земјата одржува макроекономска стабилност со ниска инфлација, но не може да привлече странски инвестиции. Делумните причини се: директното политичко влијание во судските и политички - мотивираните процеси, корупцијата, недоволната имплементација на реформите и недоволната активност на Владата дури и кога има потенцијални странски инвеститори.
Премиерот Груевски владее од 2006 и се уште има релативна популарност (делумно заради слабата и дискредитирана опозиција), но е неспособен или не сака активно да ги прифати предизвиците за интеграции. Иако Груевски ја има најголемата албанска партија ДУИ во коалициската влада, се уште се отворени прашањата за употребата на македонскиот и албанскиот јазик и недоволните средства во албанските делови од земјата. Иако поделен, албанскиот политички спектрум сака членство во НАТО (и помалку во ЕУ). Ахмети е подготвен да чека, но не засекогаш.